Народниот правобранител Насер Зибери со апел до Владата и Собранието што поскоро да донесат закон за правична и соодветна застапеност.
Зибери рече дека одлуката на Уставен за укинување на некои одредби од законот за вработување во јавниот сектор и администрација и некои подзаконски акти, создала правна дупка која и наштетува на правичната и соодветна застапеност.

„Апелирам до Владата и Собранието што поскоро да се надмине оваа правна дупка, да се донесе закон за прокламирање на правичната и соодветна застапеност и со тоа да се оневозможи процесот на деформирање на имплементацијата на уставното одредување за правична и соодветна застапеност“, вели Насер Зибери.
Првиот вицепремиер Изет Меџити во емисијата Клик Плус соопшти дека следниве денови ќе биде претставен законот за правична застапеност и дека ќе влезе во процедура.

„Законот за правична застапеност ќе биде воведен и пуштен во процедура во наредните денови. И покрај тоа, имаме политички договор за соодветна застапеност на Албанците во државната администрација, а според анализите, кога не постоеше балансерот со политички договор, имаше брз пораст на застапеноста на Албанците во Владата“, вели Изет Меџити.
Зибери зборуваше и за албанскиот јазик, апелирајќи до Уставниот суд да не се занимава со политика, туку, како што рече, да го штити Уставот.
Инаку, Народниот правобранител Насер Зибери денеска го презентираше Годишниот извештај за човекови права за 2024 година. Граѓаните најчесто се жалеле на повреда на нивните права од јавните служби, поточно од локалната и централната власт, од правни лица кои вршат јавни овластувања, како и од други субјекти.
