Од 10 до 27 јуни, анкетарите на агенцијата „Маркет Вижн“, по нарачка на MKD.mk, спровеле истражување на јавното мислење во Македонија, кое покажува дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и понатаму имаат убедлива предност во довербата кај гласачите, со сооднос од над 3 спрема 1 со опозициската СДСМ.
Според анкетата, лидерите на новата политичка коалиција ВЛЕН заеднички уживаат поголема доверба во споредба со лидерот на опозициската ДУИ, која како партија има сосем мала предност во однос на ВЛЕН.
На прашањето за која политичка партија би гласале на следните избори, одговорите на анкетираните покажуваат дека 20,5% би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 6,2% за СДСМ, 5% за ДУИ, 4,4% за ВЛЕН, 2,9% за Левица и 1,5% за ЗНАМ.

Доколку се издвојат резултатите само кај определените испитаници (497 од вкупно 1.200), односот на предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ останува речиси непроменет. Во меѓувреме, поддршката за ВЛЕН брзо се доближува до популарноста што ДУИ ја ужива меѓу албанските гласачи во Македонија.

И кај лидерите на политичките партии, како и во изминатите години, Христијан Мицкоски продолжува да има убедлива предност во однос на останатите лидери. Изет Меџити и Билал Касами, заеднички како лидери на ВЛЕН, уживаат поголема поддршка од Али Ахмети, лидерот на ДУИ, кој како поединец сепак има мала предност од 1,4 % во однос на Меџити, а и во однос на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

И ова истражување повторно покажа дека платите, пензиите, невработеноста и растот на цените остануваат најголемите проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Северна Македонија. На второ место повторно се рангирани криминалот и корупцијата.
А еве како одговориле анкетираните во врска со нивото на задоволство од работата на новиот јавен обвинител и на Јавното обвинителство.


Недовербата во правосудниот систем и натаму останува еден од клучните проблеми со кои се соочува Македонија.
Дека граѓаните на земјава остануваат силно посветени на процесот на европска интеграција, покажува и позитивниот одговор на прашањето за можното членство на земјата во Европската Унија, прифаќајќи го и моделот за кој веќе се разговара – членство без право на вето. Дури 80,3% од анкетираните би прифатиле и ваква форма на членство.

Истражувањето било спроведено во периодот од 10 до 27 јуни на примерок од 1.200 испитаници, репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и вид на населено место, во согласност со податоците од Пописот на резидентното население од 2021 година.
Анкетата е реализирана со методот CATI (Computer Assisted Telephone Interview), односно преку телефонски интервјуа, со големина на примерок што обезбедува 95% интервал на доверба и маргина на грешка од ±3%.
