Цените на становите во Скопје кои достигнуваат и над 2.000 до 3.000 евра за метар квадратен, не се реални, но нема ниту да се намалат. Градежниците за годинава очекуваат само стабилизација на станбениот квадрат особено во метрополата. Никола Велковски од здружението на градежништво при Стопанската комора во емисија „Бизнис 21“ рече дека цените треба да се движат од 1.300 до максимум 2.000 евра.
„По мене највисоката цена што би требало да се движи е во централно градско подрачје, во подобрите подрачја во централното градско подрачје, највише, највише до 2.000, повеќе е нереално, се натаму што ќе оди е нереално, а да се стартува можда од 1.300-1.400 до 2.000 зависно од местоположбата“, порача Никола Велковски.
Според Ивица Јакимовски, претседател на Градежна комора, мораториумот за градба кој беше во Центар, кризите но и малата понуда на градежни парцели се еден од главните фактори кои влијаеле цените на становите во Скопје да растат. Но и зголемените цени на градежните материјали и зголемените плати во градежниот сектор.
„Дека ние во општеството имаме случаеви каде што има злоупотреба во однос на енормно зголемување на цените, тоа е факт и сите тоа го гледаат“, вели Ивица Јакимовски.
Според нив, во земјава владее урбанистички хаос кој ќе мора да се среди.
Сметате ли дека има градежни моќници кои што влијаат на некој начин преку локално и друго ниво, преку власта и општините, за да добијат, за да остварат сопствени интереси и цели?
Ивица Јакимовски: Од сето она што го гледам факт е дека има од се по нешто. Тоа е факт. И во таков простор со толку пропусти, значи факт е дека има од се по нешто. Кај што постои корупција, не постои бизнис.
„Јас не случајно го викам овој инвеститорски урбанизам. Урбанизмот поготово во централното градско подрачје, во овој дел во првата зона што го кажувам, од мостот на Обединетите Нации до Булевар Србија, тоа е тука највише кај што се гради сега и кај што е најатрактивно и кај што се зголемуваат цените. Тука се работат, да не речам по нарачка деталните планови. Ние им кумуваме на тие инвеститори кои што го бараат тоа да се направи тука поголем објект, повисок објект“, вели Никола Велковски.
Анализата на „Бизнис 21“ покажа дека за еден метар квадратен стан во Скопје требаат 3 просечни плати, или 20 години работа за 80 метри квадратни во центарот на метрополата.
