Државата ќе плати со губење човечки животи ако штеди на финансирање на здруженијата за заштита од ХИВ, порачаа 14 граѓански организации кои се дел од платформата за заштита од ХИВ пред Министерството за здравство. Изминатите три месеци вработените во овие организации работеле без надомест, на свој трошок.
„Државата ги става во ризик од згаснување воспоставените капацитети на земјата за контрола на ХИВ инфекцијата и го загрозува здравјето на најмалку 10 000 директни корисници на овие услуги од маргинализирани заедници. Наместо предвидените 46,5 милиони денари во програмата за заштита на населението од ХИВ наменети за услугите за превенција што се спроведуваат во 12 градови Министерството завчера објави јавен повик за здруженија во износ намален за 19 милиони денари“, вели Андреј Сених.
Теренските и институционалните услуги на здруженијата за заштита од ХИВ постојано биле достапни за време на цела пандемија. Биле единствен линк за остарување на основното човечко право на здравствени услуги.
„Нивните права секојдневно се прекршуваат по многу основи. Но, неприфатливо е да им се скрати правото на здравје. Во изминатите две години на пандемија доека државната администрација „работеше“ од дома луѓето кои работата на спроведување на програмите за ХИВ превенција согласно мерките и препораките веднаш се реорганизираат со соодветни протоколи и ниту еден ден не ги запреа или намалија услугите за крајните корисници“, посочи Хајди Штерјова Симоновиќ.
Со буџетот од 25,5 милиони денари објавен на повикот до здруженијата не можат за се реализираат услугите. Во 2017-та година било проценето дека минималниот износ за вакви услуги кои се обврска на држава треба да изнесува 60 милиони денари. Моментално 350 се лекуваат од ХИВ, но ако се вклучат и оние кои не се свесни дека се позитивни проценките на здруженијата се дека има 500. Овој број се предвидува дека ќе расте со намалувањето на средствата за превенција.
