4 барања за екстрадиција на Груевски – Сијарто и Османи ниту денес не разговарале за негово испорачување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако пред еден месец министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за ТВ21 рече дека од безбедносен аспект не е добро Никола Груевски кој бил премиер повеќе од 10 години и има важни информации да биде во друга држава, сепак на денешната средба со својот унгарски колега Петер Сијарто не ја отвориле оваа тема, дури и самиот одговор на Османи за ова беше многу краток.

„Јас останувам на ставот дека поранешниот премиер треба да биде во Северна Македонија и да се соочи со правдата тука, затоа што не е во интерес на ниту една држава, премиер да биде во егзил“, вели Бујар Османи.

Инаку, темата за враќањето на Груевски се отвори пред еден месец односно пред донесувањето на измените на Кривичниот законик, со што во јавноста се шпекулираше дека постои договор меѓу Груевски и власта за негово амнестирање а за возврат да се обезбеди двотретинско мнозинство.  Османи тогаш избегнувајќи одговор рече дека тој треба да се врати за да се најде пред правдата.

„Од безбедносен аспект да имате премиер, кој што ви бил премиер повеќе од 10 години и ги имал сите информации на државата, во рацете на друга држава тоа не е паметно за било која држава. Зборев што има во тој безбедносен аспект и таа слабост, меѓутоа нема никаква иницијатива во тој дел. Најдобро е да биде овде и да се справува со судските процеси кои што ги има“, порача Бујар Османи.

Македонија има упатено дури 4 барања за екстрадиција на Груевски, но досега од Унгарија не е одговорено ниту еднаш позитивно. За оваа тема ниту Сијарто не беше расположен да говори.

„Ако има некои правни постапки во врска со тоа, тоа не е прашање за надворешната политика. Ние не можеме да се мешаме во судските постапки и затоа не зборувавме за тоа конкретно прашање на денешниот состанок и сметам дека не е неопходно да зборуваме за него“, вели Петер Сијарто.

Со измените на Кривичниот законик голем број дела кои што ги отвори СЈО веќе застареа. Конкретно за Груевски застаре едно од делата во случајот Титаник, тој нема да одговара ниту за Траекторија кој се однесува за изградбата на кинеските автопати, а деновиве застаре и ТНТ за уривањето на објектот Космос. Единствен случај за кој има изречено казна е за случајот Тенк кој се однесува на спорната набавка на мерцедесот од половина милион евра.