Чекаше со часови пред банката и доби информација дека на неговата жиро- сметка нема 6 илјади денари. Иако нема примања и не е вработен, не му следуваат 6 илјади денари. Појасни дека неговата жена ќе добие 6 илјади денари која исто така чекаше во редот. Како него има уште 70 илјади други граѓани.
„Овде ми кажаа дека нема кеш. Сите земаа, за мене нема. Дојдов да видам, жената дали ќе може да земе“, истакна Јусуф Исмаиловски.
„Немаме, не сме на ниту еден список, ниту социјална помош. Работев кога бев млада, потоа не се пријавував и останав со децата и сопругот“, вели граѓанка.
Некои граѓани радосни што успеаја да ја подигнат помошта.
„Кога не се потребни пари? Секогаш се потребни, се што купуваме, чини пари“, додава граѓанка.
Инаку денеска завршува рокот за исплата на 6 илјади денари за лицата кои имаат право на помош од државата поради состојбата со Ковид-19. Дали ќе има продолжување на рокот се уште не се знае, информираат од Владата. Лицата со блокирани сметки требаше да потпишат документ дека ќе отворат друга жиро – сметка. Доколку не го сторат тоа, тогаш парите ќе се вратат во буџетот. Како и да е, таа обврска треба да се заврши најдоцна до денеска, како и обврската за ажурирање на податоците.
„Разговорите со банките сѐ уште се во тек, за исходот ќе Ве информираме дополнително“.
Околу 70 илјади граѓани се пожалиле дека не добиле помош од 6 илјади денари кои им припаѓаат. Рокот за пријавување на жалбите веќе истече. Инаку, околу 27 милиони евра државни пари се пуштени за помош на граѓаните. Мерката ги опфаќа граѓаните со ниски приходи, пензионерите со пензија до 15 илјади денари, младите од 16 до 29 години и самохраните родители.
