90-годишна баба прва прими вакцина на Фајзер – почна вакцинацијата во В.Британија, во Македонија следната година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една недела пред да наполни 91 година, Маргарет Кинан од Велика Британија, стана првата личност во светот што ја прими вакцината Фајзер COVID-19, по нејзиното клиничко одобрување.

Во локалната болница во Ковентри пристигна на количка. Пред да ја добие вакцината и беше објаснета и целата постапка, а беше потполнет и анкетен лист.

Кинан, позната како Меги за нејзините пријатели, е поранешна асистентка во продавница за накит, Таа има ќерка, син и четири внуци.

„Беше добро, добро беше, воопшто не бев нервозна. Беше навистина добро, да”, истакна Маргарет Кинан, прва личност која прими вакцина.

Велика Британија во вторникот започна да ја шири вакцината КОВИД-19 развиена од Фајзер и БиоНТех,. Таа е првата европска земја што започна со вакцинирање на своето население. Вакцинацијата ќе се одвива најнапред во подрачјата кои се прогласени како жаришта на коронавирусот. Британија е најтешко погодена европска земја од КОВИД-19, со над 61 000 смртни случаи.

Светската здравствена организација не предвидува дека земјите ќе воведат задолжителна вакцинација против Ковид-19, изјави директорката на СЗО за вакцини и биолошки производи.

„Мислам дека ниту една земја нема да има задолжителна вакцинација“, порача Кетрин О’Брајан.

Но, сепак додава дека во некои земји, или во некои ситуации, како што се болниците, ќе мора да има задолжително вакцинирање.

Македонските граѓани на почетокот на идната година, најверојатно во февруари или март, ќе можат да ја примат вакцината за Ковид-19. Вакцинирањето ќе биде бесплатно и на доброволна основа. Приоритет во вакцинирањето ќе имаат сите здравствени работници од ковид-центрите и оние коишто работат со заболени или сомнителни пациенти со коронавирус, хронично болните и лицата над 65 годишна возраст. Децата не се предвидени за вакцинирање.

„Оваа вакцина нема да биде задолжителна. Но, во исто време нема да се наплаќа. Така што секој кој ќе сака ако одговара може да се ваксинира“, истакна Венко Филипче. 

Веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани, преку Ковакс-механизмот на СЗО и на Глобалната алијанса за имунизација. Дополнителна количина Македонија ќе може директно да набави од ‘Астра Зенека’ и од „Фајзер“.