АА обвинува дека свидетелствата во електронскиот дневник се пополнуваат само на македонски јазик а не и на албански. Додаваат дека ова е дискриминирачко и деградирачко за наставниците Албанци кои потоа мораат да бараат пари од учениците или сами да плаќаат за пополнување на свидетелствата.
„Додека беше министер, г-ѓа Мила Царовска ова можеше и да се разбере, но кога министерот и неговиот заменик се Албанци, не е потребен веќе никаков коментар. Ако се жалите дека немате експерти од ИТ областа или преведувачи, како и секогаш ќе ви помогнеме со нашите експерти, но прифатете дека не сте способни да менаџирате и да го имплементирате албанскиот јазик како официјален“, вели Наим Бајрами портпарол на АА.
Обвинувањата ги отфрлија од МОН. Ни испратија фотографии кои според нив се доказ дека постои опција и на албански јазик.
„За прв пат по многу години, електронскиот дневник функционира без доцнење. Вчера се регистрирани 731.000 оцени во дневник, што е рекорд. Исто така, свидетелството се генерира автоматски, на избраниот јазик, значи и на албански јазик. Од септември, ќе има и други новости, при што податоците низ училиштата ќе се чуваат само во електронска форма, ќе има и многу други училишни услуги кои ќе бидат електронски, транспарентни и брзи“, велат од МОН.
За понудената помош од АА за да испратат експерти од ИТ во МОН, од ова министерство одговорија дека нема потреба. Истакнаа дека одговорот на обвинувањата на АА е испратен токму од специјален советник на министерот за образовни политики, др. Шпетим Љатифи, инженер од областа на ИТ.
