АА пред две опции, со некоја од коалициите или воопшто да не учествуваат на избори – Вреди го повика Села да се премисли

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијаса за Албанците на чело со Зијадин Села остана единствената партија која досега се уште не донела одлука со кој фронт ќе настапи на избори, со Европскиот фронт или со опозицискиот фронт ВРЕДИ. Лидерот на оваа партија, Зијадин Села, вели дека моментално АА има две опции, да настапи на избори со еден од фронтовите, или воопшто да не учествува на избори поради законските рокови но и поради тоа што Таравари треба да стави печат на листата за пратеници.

„Единственото решение на АА доколку сака да настапи е да ги има печатите на партијата, поинаку не може. Засега, Алијансата за Албанците има само две опции, да влезе во некој од блоковите или воопшто да не учествува на избори бидејќи законските рокови кои се предвидени не го дозволуваат тоа“, посочи Зијадин Села.

А додека нема одлука од Централното собрание, од ВРЕДИ упатија повик до Села и Лога да се премислат и да се приклучат на опозицискиот фронт.

„Искрено ни е жал што Села и Лога ги стави личните интреси пред интересите на Албанците, кои јасно одлучиле и без никакви дилеми да ја испратат ДУИ во опозиција. Тие имаат време до сабота, доколку случајно се премислат, ќе го земат печатот на АА за листата на пратеници за сами да настапат на избори“, велат од Вреди.

Веднаш следуваше одговор од Кренар Лога. Вели дека коалицијата ВРЕДИ има традиција да ги остава на улица партнерите на коалицијата и побара од Таравари да ги врати печатите на партијата.

„Коалицијата ,,Европски Сојуз за Промени” има традиција да ги остава на улица партнерите на коалициите кои тие ги основаат (некои како ,,МОЖЕМЕ”, некои се самокиднапираат, некои не се одделуваат од Мицкоски, а некои не се одлепуваат од власта), исто како што ги менуваат и имињата на овие коалиции.  Печатите на АА не се во индивидуална сопственост, уште помалку на оној кој го напушти својот политички дом, а што се однесува до ултиматумите, користете ги со ВМРО, а не со Алијансата за Албанците“, вели Кренар Лога.

Инаку, додека АА не донесе одлука, Европскиот фронт досега се прошири со вкупно 6 партии. ДУИ, ДПА, ЕДП, Народно движење,ДПТ и Сојуз на Ромите. Од друга страна, ВРЕДИ се состои од 4 политички партии, Алтернатива, Движење Беса, Демократско Движење и Алијанса за Албанците на чело со Арбен Таравари, а имаат поддршка и од Самоопределување од Косово.