АА се поблиску до Владата? – Се шпекулира дека партијата добила две понуди за влез во Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците добила две понуди за влез во Влада, така барем говорат неофицијалните информации. Првата понуда е за заедничко владеење со СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива, а втората без Алтернатива.

Доколку Алтернатива одлучи да остане во владината коалиција, тогаш АА ќе раководи со Министерството за здравство, Министерството за правда, а ќе ѝ припаднат и две функции на заменици-министри.

Од управите, можно е да раководи со Пензискиот фонд, „Пошта“, Управата за матични книги, Државно правобранителство и „Железници“.

Вториот пакет доколку Алтернатива ја напушти Владата, тогаш АА заедно со ресорите здравство и правда, да го добие и Министерството за информатичко општество и администрација и сите управи со кои во моментов управува кадар на Алтернатива.

Премиерот Димитар Ковачевски не потврдува дали е разговарано за поделба на ресори, само уверува дека парламентарното мнозинство ќе биде уште поголемо.

Од АА ниту потврдуваат, ниту негираат за понудата што се шпекулира. Велат дека за нив приоритет е продолжувањето на патот на земјава кон ЕУ.

„За нас останува важно усвојувањето на уставните измени и доколку постои реална можност, тогаш сметаме дека треба да им се даде можност на измените и отворањето на преговорите со ЕУ. Исто така, борбата против криминалот и корупцијата останува приоритет, а доколку АА постигне договор, тогаш би понудила квалитетен кадар кој ќе придонесе во овие процеси и ќе потврди едно поинакво, правично и чисто владеење“, велат од Алијанса за Албанците.

За Алтернатива пристапувањето на Алијанса за Албанците во Владата не претставува проблем, изјави пред неколку дена Зеќирија Ибрахими од оваа партија, што укажува на тоа дека ниту Алтернатива нема намера да ја напушти Владата.

„Ако АА стане дел од ова мнозинство, од оваа Влада, за нас тие се партнери со кои ќе соработуваме и ќе имаме добра комуникација“, вели Зеќирија Ибрахими.

Според портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, оваа година е момент за стратешки одлуки, а не за политички поени.

„Мислиме дека оваа година навистина е создаден политички момент каде мора да се донесат одлуки кои ќе ги одредат следните 10-20-30 години. Оваа година не е обична година каде партиите можат да се занимаваат со дневно-политички калкулации, туку се носат одлуки кои се стратешки и важни за иднината на државата“, порача Бујар Османи.

Но, „огнената група“ на ДУИ е против влезот на АА во Владата. Велат дека ова ќе му одговара само на Артан Груби. Со приклучувањето на Алијанса, парламентарното мнозинство ќе биде постабилно, а „огнената група“ ќе го загуби своето влијание.

„Нека влезе, постојано се зборува, но не гледам причина. Има само еден буџет да се реализира, една година пред избори некоја партија да влезе во владиниот состав… Сепак одлуката е нивна. Доколку одлучат така, ќе бидат патерица на Артан Груби“, додаде Изет Меџити.

Претседателот на Алијанса за Албанците денеска се сретна со американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер. Сѐ уште не се знае за што поточно се разговарало на средбата. Инаку, партијата утре во Куманово ќе го одржи Централното собрание на кое ќе се избираат телата на партијата, а ќе се разговара и за учеството на партијата во Владата.