„Обвинението против Александар е паушално“, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој го брани таткото на Вања на суд, кој е обвинет во случајот со убиството на малолетната Вања Ѓорчевска.
Туфегџиќ во завршните зборови денеска кажа дека Обвинителството во ниту еден момент и со ниту еден доказ не го поткрепи тврдењето дека Александар му давал информации на Палевски за времето на напуштањето на домот.
„Нема доказ за комуникација меѓу нив и ова е опасна претпоставка и преседан. Таткото е оштетен, исто како и мајката Зорица. Тој е посветен родител, поврзан со децата, што го потврдија не само Зорица, туку и сведоците“, рече Туфегџиќ.
За останатиот дел од обвинението, Александар Ѓорчевски преку својот адвокат кажа дека од снимките и доказите, јасно се гледа дека Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се сторители на монструозните кривични дела. Но дека нема ни најмал доказ за поврзаност на Александар со обвинетите, кои не ги ни познава.
