ДУИ и ВЛЕН против забраната за двојно државјанство: Ја оценуваат како дискриминација кон дијаспората

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ е против измените во Законот за пратеници, кои предвидуваат пратениците да немаат двојно државјанство, туку само македонско. Пратеникот Илир Хасани од оваа партија изјави дека само мал број луѓе во земјата немаат двојно државјанство и дека на овој начин, според него, ќе се дискриминираат многу лица кои сакаат да придонесат за доброто на државата.

„Македонците меѓу себе влегоа во конфликт, нас сакаат да нè остават на врата, тоа не оди така, да зборуваме реално. Нека се договорат тие кој има двојно државјанство, кој нема, нас тоа не нè интересира. Ова е класична дискриминација на нашата дијаспора, која ние ја почитуваме. Утре никој од дијаспората нема да може да се кандидира за некоја позиција тука во Македонија, а во исто време, како ќе може да се кандидира за пратеник од дијаспората!?“, вели Илир Хасани.

И од ВЛЕН сметаат дека двојното државјанство не треба да биде пречка за избор на квалитетен кадар. Пратеничката од оваа коалиција, Мимоза Муса, изјави дека Уставот му овозможува на секој граѓанин на Македонија да се кандидира и да биде избран на одредени функции.

„Правото да се избира и да се биде избран е демократско право. Мислам дека во однос на ова прашање, двојното државјанство не треба да биде пречка за избор на многу квалитетен кадар, било за пратеници, било за министри. Секако, ние во принцип сметаме дека треба да се почитува Уставот, а Уставот му овозможува на секој граѓанин на РСМ да може да се кандидира или да биде именуван на функција.“, вели Мимоза Муса.

Инаку, предлог-законот влезе во парламентарна процедура по иницијатива на пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ велат дека ќе ги поддржат измените, но ќе реагираат со амандмани за тие да важат и за актуелните пратеници, како и за функционерите.