Претседателот на Демократска унија за интеграција, Али Ахмети во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека парковите се претвориле во депонии, а нашата обврска е што побрзо да се освестиме.
„Ги гледам сликите што ми ги праќаат. Јас сум на терен многу често. Гледам како ја уништуваме природата. Ние ја уништуваме куќата во која живееме. Ни ја уништуваме иднината на нашите деца. Немаме морално право ова да го правиме“, истакна Ахмети.
Тој вели дека поради тоа е вознемирен и му е жал за состојбата.
„Да излезеш во нашите планини за чист воздух, ќе се разочараш од нечистотијата која ќе ја видиш. Жално е да се гледа како големи површини зеленило се уништуваат. Да, имаат вина и институции, но и ние граѓаните треба да се освестиме. Нема потреба од фрлање на ѓубре насекаде, треба да ја чуваме природата“, рече Ахмети.
Претседателот на ДУИ вели дека има место за критика поради состојбата, но сега треба да се гледа напред.
„Да, вистина е кадри на ДУИ раководеле со надлежни институции. Има место за критика, но сега гледаме напред. Ќе изненадиме со многу проекти. Ќе изненадиме со нашата платформа за тн “зелена” иднина. Сега е време за ваква платформа, затоа што 19 години нашите агенди беа насочени кон други цели. Наш приоритет беше Рамковниот договор, приоритет беше образованието, правичната застапеност, приоритет беа правата на Албанците, приоритет беше НАТО, е сега се ориентираме кон екологијата и кон проектите кои ќе придонесат подобар живот за граѓаните“, порачува Ахмети.
Целото интервју ќе може да го погледнете вечерва од 21:30 часот на ТВ21 со превод на македонски јазик.
