Албанци, Македонци и сите други етнички заедници да се сплотиме на патот кон ЕУ. Овој апел од Врапчиште го испрати лидерот на интегративците, Али Ахмети, истакнувајќи дека обединувањето е повеќе од потребно за политиките дома и формирање заеднички европски фронт.
„Ајде да направиме единствен фронт, сите Албанци заедно, да ја повикаме македонската заедница, ако можеме да се обединиме, затоа што заедно ќе ја однесеме земјава во ЕУ. Јас сум за сите заедно да ги оставиме настрана ситниците и да ја зачлениме земјата во ЕУ“, вели Али Ахмети.
Ахмети додаде дека за да се формира европски фронт, и албанските партии треба да ги остават настрана политичките инаети.
„Не треба да се фокусираме за тоа што се случило пред 20, 15 или 10 години бидејќи нема да можеме да се сплотиме. Станува збор за чувствителни работи. Се фокусираш на работи кои не ја фаворизираат иднината“, додава Али Ахмети.
Во однос на незадоволствата на „огнената група“ од работата на Владата, Талат Џафери побара од првиот вицепремиер, Артан Груби да ги повика на одговорност незадоволните, алудирајќи на заменикот-министер за одбрана, Башким Хасани, кој ја поддржува „огнената група“.
„Сакам да му порачам на Артан дека се искажани многу незадоволства за работата на Владата. Најлошо е што член на Владата изразува незадоволство од неговата работа, па затоа мислам дека како прв вицепремиер ги има сите права и овластувања – да ги повика на одговорност оние кои не си ја завршиле работата во Владата, бидејќи таа обврска ја има пред овие луѓе тука“, порача Талат Џафери.
Ахмети и министрите вечерва ги продолжуваат средбите во Челопек, општина Брвеница, а „огнената група“ ќе се сретне со жителите на Гостивар.
