Ахмети: ВМРО-ДПМНЕ да не мисли да прави сојуз со Левица, Ковачки му врати: Правилото победник со победник веќе не важи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Меѓусебни препукувања меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и Драган Ковачки пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во синоќешниот говор во гостиварско Чегране Ахмети осврнувајќи се на руското влијание во земјава рече дека треба да се биде внимателен при што и порача на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не помислува да прави мнозинство со Левица.

„Длабоко сум убеден и верувам во дефинирањето на главните политички партии, кои имаат прозападна ориентација. ВМРО-ДПМНЕ греши ако мисли дека со Левица ќе направи мнозинство со 61 пратеник и да ја маргинализира ДУИ, наводно нивната единствена пречка. Прават многу грешки и нека не сонуваат за такво нешто“, рече Ахмети.

На ова преку својот фејсбук со реакција се јави пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ кој му врати на Ахмети дека тој не оној што одлучува кој ќе биде во Владата, туку гласовите на граѓаните.

„За нова Влада не одлучува Ахмети туку народот на избори. Власта ја дава и зема само народот на избори, затоа толку многу се плашат и бегаат од соочување со народот. Правилото на коалицирање на победник со победник не важи и никаде не е запишано, па стравот на ДУИ од ортачките криминали со СДС затоа им е се поголем.“, вели Ковачки.

Ахмети во синоќешното обраќање ги повика политичките партии да се обединат и што поскоро да се донесат уставните измени со вметнување на Бугарите во Преамбулата, што ќе значи отворање на првото поглавје од преговорите со Европската Унија. Ковачки пак му одговори дека со наводните успешни европските политики на Ахмети и неговиот слуга Ковачевски државата оди назад.