Нема конкретна понуда за учество на ВМРО-ДПМНЕ во алијансата за Европа што ја најавува лидерот на ДУИ Али Ахмети, поради што е нејасно каква функција ќе има ваквата алијанса која би требало да работи на усвојување на уставните измени, кога без гласовите на партијата на Мицкоски тоа не може да се постигне. Во одговорот на премиерот Димитар Ковачевски дали ќе бидат поканети и ВМРО-ДПМНЕ и не се гледа некаква најава дека би се направил обид тие да бидат дел од ваквиот сојуз.
„Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ кои што се против членството во НАТО што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во Европската унија што сметам дека е погрешен концепт. Сите политички партии кои што се за концептот за европска Македонија односно сакаат да бидат дел од сојузот за Европа тие врати се отворени“, вели Димитар Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Ковачевски наместо да се посвети на европската иднина единствено се занимава со криминал.
„Димитар Ковачевски не е во единство за членство во Европската унија, Ковачевски е во единство и се занимава единствено со криминалот и корупцијата по налог на ДУИ. Наместо европска има криминална агенда. Ковачевски е слуга на Ахмети наместо да слугува на интересите на граѓаните“, додаде Наум Стоилковски.
Ахмети вчера повика на алијанса за Европа, што би требало не само да го зголеми парламентарното мнозинство, туку и да го надомести делот од пратениците на ДУИ кои се во таканаречената огнена група.
„Мислам дека парламентарното мнозинство е стабилно, но има еден поопширен и поперспективен пристап, значи да се прошири тоа мнозинство и да се создаде една алијанса за Европа“, порача Али Ахмети.
Во оваа алијанса а воедно и во Владата се очекува да биде дел и Алијанса за Албанците. Таравари во емисијата на ТВ21 Клик плус рече дека нивниот влез во Влада е се поизвесен, а тоа денеска го потврди и Ковачевски.
„Алијанса има изразено политичка волја која што е за европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа исто како што кажаа и другите политички лидери. Дали ќе се случи тоа зависи од политички договор се разбира кој што политички договор секогаш има два аспекта едниот е програмски, другиот е кадровски“, посочи Димитар Ковачевски.
Уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата треба да бидат донесени до ноември годинава и тие се услов за продолжување на преговорите со Европската унија, односно со отворањето на кластерите.
