Амбасадорката Анџела Агелер со отворено писмо до македонските граѓани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По три години на функцијата, американската амбасадорка во Северна Македонија, Анџела П. Агелер, објави дека ја напушта земјата, истакнувајќи ја големата чест и привилегија што ја имала да ја претставува САД.

Во своето обраќање, амбасадорката ја потенцираше силната доверба во храброста и потенцијалот на народот на Северна Македонија, истакнувајќи дека заедничката работа во последните три години донела конкретни резултати во области како економски раст, енергетска независност, судска реформа, инфраструктура, образование, културна заштита и евроатлантска интеграција.

„Во овие три години, нашето партнерство прерасна во вистинско и длабоко пријателство со многу од вас кои ги сретнав низ целата земја. Ме пречекавте во вашите училишта, цркви, судници, во вашите домови, на фармите и винариите“, истакна Агелер, додавајќи дека ја ценела отвореноста на граѓаните и споделените приказни, визии и соништа за земјата.

Амбасадорката ја потенцираше и соработката на ниво на НАТО, инфраструктурни проекти како отварање на стратешките коридори 8 и 10, борбата против корупцијата, развојот на ретки земјини минерали, сајбер-безбедност и одговорно управување со животната средина.

„САД секогаш ќе бидат покрај вас, верувајќи во сонот за посилна, поблагосостојна, побезбедна и целосно интегрирана евро-атлантска партнерка и сојузник“, порача Агелер во своето обраќање.

Агелер е меѓу амбасадорите кои се повлечени или се сменети од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.