Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на брифинг со медиумите претстави модел за целосна дигитализација на системот на издавање и контрола на лиценци од страна на државата преку систем на СМАРТ лиценци. Андоновски нагласи дека моделот овозможува лесна и брз проверка на валидноста на издадените лиценци преку систем којшто содржи електронско пребарување, електронски регистар, QR проверка, транспарентност и проверлива трага.
„Тоа значи дека граѓанин, инспектор или друг субјект проверува јасно и брзо дали некоја лиценца е валидна или истечена. Со СМАРТ лиценците граѓаните добиваат можност за брза проверка на валидноста некоја лиценца, компаниите добиваат помалку административни проверки и барања за потврди, а институциите добиваат јасна врска до единствен регистар“, кажа Андоновски.
Тој укажа дека досега немало начин да се провери валидноста на лиценците, а тоа сега ќе се овозможи преку жив регистар до кој се пристапува со скенирање на код од лиценцата.
„Креиравме Асистент кој е целосно дигитален и со скенирање на код ве носи до жив систем каде се наоѓа валиден електронски документ. Моментално е само во Министерството за дигитална трансформација, но интенцијата е тоа да се прошири. Во фаза на тестирање сме во Министерство за економија за издавање лиценци за дискотеки, кабаре и кафе бар. Но, не смее да остане само на ова и интенцијата е да се прошири на повеќе“, најави министерот Андоновски.
Како што објасни Андоновски, системот ги влече дел од документите по автоматизам, а дел се уште се закачуваат како електронски документи. „Имаме база од 340 илјади корисници и целта е таа да се искористи и врзе со другите институции“, нагласи тој.
Процесот нема да оди брзо и во сите институции одеднаш, вели министерот за дигитална трансформација, но државата издава голем број лиценци, а системот е лесно прилагодлив и може да се употреби, меѓу другото, за лиценци за транспорт, логистика, осигурување, хотели, правосудство, животна средина, урбанизам, дозволи за градење.
