Апелациониот суд во Скопје ја потврди затворската казна од 12 години за Стојанче Јовановски, откако ја одби како неоснована неговата жалба на првостепената пресуда донесена од Основниот кривичен суд.
Од Судот соопштија дека по разгледување на предметот не биле утврдени основи за измена на пресудата, поради што одлуката останува во сила.
Јовановски беше осуден за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство. Според судски утврдената состојба, тој во подолг временски период вршел семејно насилство врз својата сопруга Ивана Јовановска.
Во пресудата се наведува дека на 2 март годинава физички ја нападнал и ѝ упатувал сериозни закани, создавајќи чувство на страв и безизлезност. Како последица на долгогодишното насилство, Ивана Јовановска извршила самоубиство скокајќи од шестиот кат на зграда во скопската населба Тафталиџе, при што животот го загуби и нивната шестгодишна ќерка Катја, која била со неа.
Судот оцени дека обвинетиот во периодот од 2023 до 2026 година постапувал сурово и нечовечно кон сопругата, која била материјално зависна од него.
За телесната повреда му беше изречена казна затвор од пет години, три години за загрозување на сигурноста и уште пет години за наведување и помагање во самоубиство. Со спојување на казните, му беше изречена единствена казна затвор во траење од 12 години.
Од Апелациониот суд најавија дека целосната одлука ќе биде јавно објавена, а со потврдувањето на пресудата случајот добива правосилна разрешница на второстепено ниво.
