Апелациониот суд во Скопје ја укина првостепената пресуда против поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, и предметот го врати на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје.
Од Апелација соопштија дека одлуката е донесена по јавна седница одржана на 11 март 2026 година, при што се уважени жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на обвинетата Димова.
Судот утврдил суштествени повреди на одредбите од кривичната постапка, поради нејаснотии во пресудата – односно не било прецизирано за кои дејствија обвинетата е прогласена за виновна, а за кои е ослободена. Дополнително, Апелација посочува дека е потребно прецизно утврдување дали со наводните противправни дејствија е стекната имотна корист и во кој износ, што е важно за правилна правна квалификација на делото.
Поради овие пропусти, второстепениот суд ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно разгледување.
Основниот кривичен суд Скопје во септември минатата година ја осуди Димова на две години затвор за злоупотреба на службена положба и овластување, како и обврска да надомести штета од над 22,7 милиони денари на Националната агенција.
