Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа реагираше на донесувањето на новиот Закон за игри на среќа од Собранието. Според АПИС, новиот изгласан Закон за игри на среќа и забавни игрисодржи одредби кои се во спротивност со темелните вредности, но и со членот 55 од македонскиот Устав со кој уставотворците предвиделе гаранции за слободата на пазарот и претприемништвото.
„Доколку предлагачите на законот навистина сметаа дека игрите на среќа се штетни по здравјето на луѓето, тогаш тоа мораше прво да го докажат во соодветна правосудна постапка, а потоа целосно да ги забранат. Вака, со дистанцирање 500 метри од училишта се прави противуставна дискриминација, и тоа на урбанистичка околност која не е фиксна“, се вели во соопштението на АПИС.
Како што тврдат приредувачите на игри на среќа, новиот Закон бил предложен набрзина, не бил закачен на ЕНЕР и затоа на стопанските комори, асоцијациите и здружението на вработените им било ускратено правото активно да дадат свој придонес во насока на создавање одржлива и спроведлива регулатива по европски и светски стандарди.
„Истовремено, мнозинството пратеници одлучија дека 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства во наредните две години постепено ќе остануваат без работа и ќе мора да иселуваат од Македонија. Министерството за финансии како овластен предлагач на Законот за игри на среќа и забавни игри свесно или несвесно изрази подготвеност да ризикува потенцијални астрономски отштети со бранењето на уставно спорната дистанца од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, која освен што е дискриминаторска, е неизводлива на терен и затоа ќе предизвика затворање на легалните објекти за игри на среќа“, оцени АПИС.
Според нив, надлежните институции треба да ѝ соопштат на јавноста дека свесно и со умисла се откажуваат од повеќе од 350 милиони евра годишни приходи во централниот Буџет од легалните игри на среќа. Колку за илустрација, тоа е повеќе од 6 проценти од приходите планирани во предлог Буџетот за 2026 година.
„Извршната и законодавната власт треба да и укажат на јавноста дека со изгласувањето на овие противуставни и дискриминаторски законски одредби широко отвораат врата за игри на среќа на црно, кои ќе се одвиваат во подруми, без контрола на државата, каде младината навистина ќе биде загрозена. Граѓаните сеуште ја паметат аферата “Детонатор” од 2011 кога беа
запленети 1500 покер апарати поставени на црно. Ние сме сигурни дека нашите предвидувања ќе се остварат. Не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажа од четиригодишната забрана за игри на среќа. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање на игри на црно“, велат од АПИС.
Како што соопштија оттаму, кога веќе институциите немаат слух за забелешките на асоцијациите, здружението на вработени и апелот на сериозните странски инвеститори во секторот игри на среќа, тогаш нивна должност е да ги заштитат нивните вработени, правната сигурност и уставно загарантираните економски права.
