Арсенал е нов шампион на Премиер лига, откако Манчестер Сити одигра нерешено против Борнмут, со што лондонскиот клуб обезбеди недостижна предност на врвот на табелата пред последното коло.
Ова е прва шампионска титула за Арсенал по пауза од 22 години, а славјето на играчите траело до раните утрински часови.
Фудбалерите на Арсенал го следеле натпреварот меѓу Сити и Борнмут во тренинг-центарот на клубот, а по потврдата за титулата започнала голема прослава.
Во текот на ноќта, на социјалните мрежи беа објавени бројни видеа и фотографии од славјето, на кои можат да се видат Деклан Рајс, Букајо Сака, Еберечи Езе и Јуриен Тимбер како во 5 часот наутро пристигнуваат пред стадионот Емирати Стадиум, каде сè уште имало навивачи кои ја славеле титулата.
Играчите биле забележани како се фотографираат меѓу навивачите и го споделуваат историскиот момент со фановите.
На прославата присуствувале и познати личности, меѓу кои и легендата на клубот Иан Рајт, како и британскиот политичар Џереми Корбин.
Дополнително внимание привлече и објавата на Инстаграм на Езе околу 3 часот по полноќ, на која капитенот Мартин Одегард наздравува со шише со логото на Арсенал, додека атмосферата во соблекувалната беше на врвот.
