Амбасадорите на Австрија, Шведска и Финска ги истакнаа бенефитите за своите земји од 30-годишното членство во Унијата и ја повикаа Македонија да ги спроведува реформите и да се зачлени. Тие беа прашани и за политичкиот предизвик, со блокадата за стартот на преговорите.
„Имате и одвоена политичка патека, а ваквото прашање е до Владата тука. Таа одлука е во рацете на Северна Македонија.“, изјави Ами Ларсон Јаин – амбасадорка на Шведска.

Австрискиот амбасадор Мартин Памер вели дека Македонија има поддршка за членство од сите земји, од некои повеќе од некои помалку, но треба да продолжи со реформите.
„Силно верувам дека предизвиците кои постојат, оној што го спомнавте, за имплементирање на т.н. европски компромис од 2022-рата година, е надминлив, со добра волја од сите инволвирани.“, изјави Мартин Памер, амбасадор на Австрија.

Додека политичката блокада не се надмине, финскиот амбасадор Никлас Линдквист повика Скопје целосно да ги искористи предностите од Реформската агенда и Планот за раст.
„Дијалогот меѓу било кои земји е секогаш многу важен за да се разговара за овие нешта и да се има отворена дискусија. Секако, кога станува збор за членство во ЕУ и преговорите за интегрирање во ЕУ – тоа се преговори што секоја една земја ги води со институциите на ЕУ, а не со своите соседи.“, изјави амбасадорот на Финска, Никлас Линдквист.

Од друга страна, спикерот Африм Гаши истакна дека поради војната во Украина и претседателските избори во САД има нов политички моментум и волја за Македонија да го забрза евроинтегративниот процес. Гаши вели дека преку парламентарната дипломатија кај партнерите на земјава тој ја објаснува препреката со уставните измени и се надева дека, како што вели, конечно ќе успееме да ја надминеме препреката.
