Од почетокот на годината не примиле плата. Дополнително, велат дека добиле негативен одговор од Министерството за финансии за продолжување на нивните договори за работа. Поради тоа, дел од вработените во Клиниката за детски болести излегоа пред Министерството за финансии за да побараат исплата на платите, продолжување на договорите и трајно решение за нивниот статус.
Една од учесничките на протестот изјави дека нивните барања за продолжување на договорите постојат уште од 2019 година, но и по долги чекања одговорите останале негативни.
„Ако немало намера за продолжување на договорите, тогаш зошто одговорот се одолговлекуваше пет месеци? Од која причина работниците беа оставени да работат до крајот на мај, додека барањата стојат од јануари? Како е можно над 90 проценти од здравствените институции да добијат позитивен одговор, а за Клиниката за детски болести постојано да се даваат негативни одговори, без аргументи и без јасни објаснувања?“, прашува Флора Гаши.
По оваа изјава, вработена во Министерството за финансии, која се претстави како шеф на кабинетот на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска, ги покани на средба.
По средбата, вработените изјавија дека добиле ветување дека ќе се ангажираат да утврдат дали проблемот е заглавен во Министерството за финансии или на друго место и дека во рок од една недела ќе дадат информација.
„Се надеваме на нив. Сега што ќе одлучат тие…“
„Дали ви дадоа ветување дека ќе се реши прашањето?“
„Да, верувам дека да… тие самите беа кај нас и ни рекоа дека знаат што е Детска клиника, дека и самите се родители.“
Вработените наведуваат дека одговорност има и од Министерството за здравство, но според нив министерот Азир Алиу признал дека имало процедурални грешки од страна на институцијата што ја води, но и покрај нивното коригирање, одговорот од Министерството за финансии останал негативен. Тие исто така истакнуваат дека станува збор за околу 50 вработени со нерешен статус и шест месеци без плата, а меѓу нив има и кадар со до осум години непрекинато работно искуство во Клиниката за детски болести.
