Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи е убеден дека ќе се најде компромис со вработените во Управата за јавни приходи и нема да дојде до генерален штрајк како што деновиве се заканија од УЈП. Веќе е назначен медијатор и имаат период од 10 дена да најдат решение, истакна Битиќи и додаде дека во четврток ова прашање ќе се разгледува и на Економско социјалниот совет.
„Јас сум оптимист дека решение ќе се најде дека мерката на генерален штрајк не би требало да се случи. Ние сме спремни да разговараме, веќе во четврток е закажан состанок на Економско социјалниот совет во кој што ќе го разгледаме општиот колективен договор со новата методологија, дел од решението, мислам за вработените во Управата за јавни приходи е токму во тоа решение, но отворени сме, мислам дека медијаторот ќе си ја направи работата онака како што треба и не мислам дека ќе дојдеме во ситуација на генерален штрајк“, вели Фатмир Битиќи.
Од УЈП не отстапуваат од своите барања. Првиот синдикалец на Управата Васе Недановски вели дека очекува да добијат зголемување на платите на вработените во Управата и тоа согласно колективниот договор кој ќе го потпише репрезентативниот синдикат, како и врз основа на Законот за Буџет.
„Ние би биле најрадосни и најзадоволни да се надминат состојбите, да се оствари правото да се утврдат платите на вработените во УЈП. Сите чинители што сме инволвирани треба да знаеме дека во моментот има законски основ, дополнително и по колективниот што исто претставува сила на закон дека ние тоа право треба да го оствариме. Ние не се гледаме во идното генерално решение на сите. Да, во идното генерално решение ние ќе учествуваме, но откако ќе го оствариме сега утврденото право по закон и колективен договор“, вели Васе Недановски.
И додека се водат преговори за зголемување на платите во УЈП министрите деновиве ќе ја добијат третата плата која беше зголемена за 78 проценти. Засега се уште не е јасно од каде се обезбедени средства за исплата на нивните плати Битиќи вели дека тоа се прави со пренамена на средства.
