Само 41 институција на централно и локално ниво доставиле план за откривање на ризик од корупција и судир на интереси, тврди вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаху, кој од Гостивар ја започна турнејата на посети во општините. Тој вели дека претходната влада не презела никакви мерки кон институциите кои не достаиле вакви планови.
-Од стотини централни институции кои имале обврска да достават вакви планови за елеминирање на опасноста од корупција, сакам да истакнам дека само 41 доставиле до Владата план за оваа година, од нив 10 општини, а меѓу овие општини е и Гостивар, вели Арбен Фетаху, вицепремиер за добро владеење.
На прашањето каде е институционалниот застој во борбата против корупцијата и дали ќе има измени во законите во борбата против корупцијата, Фетаху рече дека веќе почнале да ја разгледаат ситуацијата за да видат каде е застојот.
-Институциите каде што се предизвикуваат проблемите се институциите кои се одговорни за спроведување на законот и борбата против корупцијата, понекогаш не по нивна вина, туку по вина на власта, намерно саботирана, не финансирана, не им ги дава потребните ресурси, а не им дава кадар кој ќе ја врши оваа работа, изјави Арбен Фетаху, вицепремиер за добро владеење.
Фетаху ја пофали општина Гостивар за нејзината транспарентност, додека вршителот на должноста градоначалник на општината, Валбон Лимани рече дека покрај планот што го доставиле, ќе отворат и телефонска линија за граѓаните да пријават корупцијата.
-Една од идеите е општината да отвори телефонска линија за граѓаните, на која ќе може да пријават корупција на локално ниво и мејл и во септември да се организира дебата на која би учествувал и вицепремиерот, изјави Валбон Лимани, в.д. градоначалник на општина Гостивар.
На средбата меѓу Фетаху и Лимани, освен за борбата против корупцијата, се разговараше и за инвестиции во инфраструктурата од централно ниво, кои се очекува да започнат во септември годинава.
