-Програма за работа на владата на Република Северна Македонија за 2024-2028-ма. Мандатар, Христијан Мицкоски. Ова го пишува на поднесената програма и составот на новата влада од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако во изминатиот период одбиваше да ја користи придавката „Северна“ во јавните настапи, со порака дека нема да ја повторува како папагал, а очекува и претседателката Сиљановска да не ја користи, сепак Мицкоски во пишана форма го користи новото уставно име на државата, како при првиот поднесен предлог закон до Собранието, така и за составот на новата Влада.
Откако ја предаде црвената папка, Мицкоски пред медиумите откри дека програмата содржи мерки кои ќе спречат, како што вели, егзодус на младите и на медицинскиот кадар. Најавува линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари во првата година од мандатот, како и подобри услови за бизнисот, за фирмите да отвораат нови работни места. Сепак, главниот фокус ќе биде поставен на борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски вели, во иднина ќе нема толеранција кон кој и да е функционер ако постапува незаконски.
„Истовремено, сериозно планираме да расчистиме со сомневањата и информациите коишто особено изминатиов период, и докази, кои стигаат до нас за многу злоупотреби кои се случувале изминативе седум години.“, рече Мицкоски.
За сите ветувања да се остварат, Мицкоски уверува дека има група на луѓе кои се мотивирани и имаат капацитет да ги остварат заложбите од програмата.
„Сето она што сме го ветувале ќе биде едно обично политичко мочуриште и лага и ние ќе се претопиме во сивилото на секоја претходна влада којашто доаќала на бранот на очекувањата, а си заминувала како големо разочарување. Ниту себе, ниту пак на луѓето коишто се со мене им го посакувам тоа.“, рече Мицкоски.
Новиот владин состав ќе брои 24 функциониери, ВМРО-ДПМНЕ ќе има 15 министри, ВРЕДИ шест, а движењето ЗНАМ, двајца министри. Дваесет министри кои ќе бидат на чело на институции, тројца министри без ресор, а Мицкоски ќе биде претседател на Владата. Собраниската расправа се очекува да започне во сабота, а гласањето би се одржало до недела на полноќ. Понеделник ќе биде првиот работен ден за новиот премиер и новите министри.
