Mинистерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, oдговорајќи на новинарски прашања изјави дека ако ескалира ситуацијата со цената на горивата, Владата ќе ги преземе сите мерки за да го ублажи ризикот кон граѓаните.
„Тоа што се случува е на светско ниво. Како што следиме сите, секаде се цените покачени. Значи, тоа е виша сила, војна врз која ние не можеме да влијаеме. Минатата недела имавме онлајн вонредна седница на Влада и откако почна сè, уште од март, направивме и акциза и намалување на ДДВ и со ОКТА договоривме попуст. Го намаливме ДДВ-то на 10 проценти. Дискутираме, гледаме и ќе се консултираме на ниво на Влада. Влада имаме во вторник, ќе видиме како понатаму. Ние секако сме за заштита на стандардот на граѓаните, меѓутоа ќе мора да разгледаме кои се и фискалните импликации врз буџетот. Ќе знаеме наскоро“, рече Божиновска.
Воедно, таа потсети дека во моментов е активна мерката за намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти. „Како што знаете, може да има и други намалувања. Тоа постои како мерка, Министерството за финансии ги прави фискалните мерки и ги донесува заедно на Влада“, нагласи Божиновска.
Воедно, како што информираше таа, Владата засега не преговара повторно со ОКТА за попуст. „Не сме почнале, меѓутоа ако ситуацијата ескалира и понатаму, ќе ги преземеме сите мерки за да го ублажиме ризикот кон граѓаните“, нагласи Божиновска.
