На барање на Бугарија, на заседанието на Европскиот Совет во Брисел ќе биде покренато прашањето за Македонија. Бугарскиот премиер Димитар Главчев ќе побара од колегите од земјите-членки да усвојат дополнителен текст. Во него се инсистира ЕУ одново да потврди дека стои зад договореното од францускиот предлог, кој ги вклучува и уставните измени.
„Гледаме изјави од партиски лидери, а и од владини функционери во Република Северна Македонија дека нема да ги направат измените и едноставно ќе ги запознаам колегите од Европската Совет за намерите и да се потсетиме што беше усвоено по овој повод.“, вели Димитар Главчев.
Во практика, ако ваквиот текст се усвои, се намалуваат надежите на домашните власти дека е можна промена на преговарачката рамка и уставните измени остануваат единствен предуслов за отворање на преговарачките поглавја.
Од друга страна, претставниците на власта очекуваат промена на договореното меѓу Скопје и Софија, под посредништво на трета страна.
„Иако ова прашање ќе се решава на релација Скопје-Софија, сепак ќе се решава под посредништво на нашите партнери надвор.“, порача Максим Димитриевски.
Димитриевски вели дека меѓународната заедница сега веќе има променет однос кон актуелната власт.
„Македонците се многу пообединети. Кога се Македонците обединети во очите на меѓународниот фактор нештата се случуваат поинаку. Веќе немате огромен простор како во минатото некој да ви врши континуиран притисок и одвнатре, а и однадвор“, вели Максим Димитриевски.
Димитриевски не одговори конкретно дали кога зборува за посредништвото меѓу Скопје и Софија мисли на мисијата на белгискиот експерт Питер Ванхауте, кој изминативе месеци е во Македонија за да го олесни процесот на уставните измени. Неофицијално, Ванхојте има план на маса, а оваа информација неодамна ја потврди и лидерот на БЕСА, Биљал Касами. По средбата со Ванхојте, Касами напиша дека го поздравил неговиот „доста амбициозен план за европскиот пат на Република Северна Македонија“.
Претходно и првиот вицепремиер Изет Меџити потврди дека има разговори со меѓународниот фактор за ВМРО-ДПМНЕ да добие гаранции дека промената на Уставот е последното бугарско барање. За слични гаранции неодамна зборуваше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по посетата на Рим, каде побарала Македонија да добие гаранции дека ветото нема да се злоупотребува.
