реклама

Бугарија го поттикна евроскептицизмот, за прв пат разочараност и кај албанската популација

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

реклама

Првиот човек на Институтот Марко Трошановски вели дека разочарувањето се должи на непочитувањето на принципите од самата Европска унија. Дополнително скептицизмот се подгреа најпрво со француското неодобрување на преговори поради новата методологија, а големо влијание има и бугарското вето.

„Генерално перцепцијата на граѓаните се дека механизмите на проширување не ја вреднуваат посветеноста на државата во реформските процеси, поради тоа што, како што знаете и во двата случаи тоа не се должеше на тоа дека Македонија потфрлила туку дека потфрли Европската унија. Разбирливо е зошто луѓето се разочарани, а виновник за тоа е никој друг освен Бугарија која што избра симболички теми, историски теми да ги наметне, наспроти критериуми кои што треба да оценат заслуга и компетенција“, вели Марко Трошановски.

Со ова се согласува и Симонида Кацарска од Институтот за европски политики. Таа вели дека особено најразочарана е младата популација, која ограничувањето на перспективите и нивната иднина многу е веројатно дека ќе се одрази на тоа за да се зголеми иселувањето од земјава.

„Населението реагира на негативните сигнали на кои што ги добивме од Европската унија, односно на блокадата од Бугарија. Несомнено близината која што ние ја имаме пред се и физичка до Европската унија придонесе да имаме поголема стапка на иселување во тие земји кои што се поразвиени“, вели Кацарска.

Индикативен е податокот и дека скептицизмот е зголемен и кај албанската популација која во принцип досега се покажуваше како голем поддржувач на Европската унија.

„Претходно од тоа што беше евидентно е дека Албанците во речиси над 90 проценти го поддржуваат европскиот пат на земјата, што не беше случај и кај македонското етничка заедница, имаше еден дел од популацијата што беше евроскептична постојано и тој се зголемува. Меѓутоа, кај Албанците тоа не се случуваше, сега за прв пат гледаме приближување по однос на тие ставови кај двете најголеми етнички заедници во земјата, односно зголемување на евроскептицизмот и кај Албанците.“, вели Трошановски.

Но она што го покажа истражувањето е и фактот дека најмалку поддршка кон Европската унија имаат симпатизерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и дека една третина од нив се против членството во Европската унија. Мицкоски вели дека граѓаните во целина имаат помала доверба поради барањата на нашиот источен сосед.

„Јас би рекол дека граѓаните можеби имаат се помала доверба во институциите од Европската унија затоа што гледаат дека тие молчат пред налетот на анахроните и би рекол ретроградни желби кои што ги има нашиот источен сосед, желбите за асимилација на македонскиот народ и македонската држава.“, рече Мицкоски.

Сепак истражувањето покажува дека и покрај зголемениот процент на евроскептицизам, Европската унија и натаму се смета за наш најголем сојузник.

реклама

реклама
реклама
реклама
реклама
реклама