Чудо во Турција по катастрофалниот земјотрес – 8 дена под урнатините спасени преживеани луѓе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По 8 дена, односно по вкупно 203 часа беше спасен уште еден живот од под урнатините во Хатај – Турција. Станува збор за жена која во тешка здравствена состојба беше пренесена со брза помош во најблиската болница.

По 198 часа, двајца браќа од Кахраманмараш се спасени. За турската телевизија ТРТ, браќата велат дека останале живи консумирајќи протеински прашок.

„Поради тоа што се бавам со спорт, секогаш имам протеински прашок. Носам и вода но не можев да ја најдам водата и така јадевме со мојот брат.“, вели Мухамед Енес Јанинар.

Другиот вели дека постојано спиеле прегрнати со брат му.

„Бевме во ред. За среќа го најдов телефонот и брат ми беше со мене. Чист воздух влегуваше внатре. Му се молевме на Бога и бевме добро. Нема како водата.“, изјави Абдулбаки Јенинар.

Екипите за спасување продолжуваат со работа под урнатините на уништените згради. Турските медиуми известуваат дека спасувачите велат дека сè уште слушаат гласови од под урнатините, што претставува трошка надеж дека ќе се најдат уште преживеани.

Бројот на спасените е над 8.000, а шансите за преживување се се помали.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку видео обраќање ја изрази својата благодарност до сите земји за помошта што ја пружија во спасување животи и каква било друга помош.

„Сакам да им се заблагодарам уште еднаш на сите пријателски и сестрински земји кои собрале помош за нашиот народ ден и ноќ и за поддршката со спасувачките екипи и што не не заборавија во нивните молитви.“, изјави Ердоган.

Бројот на загинати во земјотресите со јачина од 7,8 и од 7,5 степени според Рихтеровата скала кои на 6 февруари ги погодија југоисточна Турција и северна Сирија ја надмина границата од 40.000, а експертите предупредуваат дека бројот ќе расте.