Секоја опозициска партија на свој начин бара предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ дури и чекор понатаму, одредувајќи ги 14 или 21 мај како можни датуми за избори.
Според лидерот на Беса, Биљал Касами, најдобар период за вонредни избори е напролет. Од Беса сметаат дека оваа влада е нефункционална и не ги решава проблемите на граѓаните, затоа треба што поскоро да се оди на избори.
-Доколку владата нема слух за овие проблеми и да се соочи со граѓаните на предвремени избори, заедно со опозицијата ќе се разгледаат можностите и ако треба ќе организираме и граѓански протести. Ова ќе биде еден вид притисок врз владата да се слушне гласот на граѓаните и што побрзо да се оди на избори-рече Касами.
Но од АА сметаат дека уставните измени се главен приоритет. Освен уставните измени од АА велат дека земјава итно треба да усвои закони за борба против криминалот и корупцијата.
-Доколку овие не успеат, изборите се неопходни, како решавање на јазолот. Инаку, изборите не смеат претходно да бидат пречка или алиби за неуспехот на одлучувачките процеси за иднината на граѓаните. Уставните измени и почетокот на преговорите со ЕУ, не смеат да бидат спречени никако-велат од Алијанса за Албанците.
Минатата недела Мицкоски изјави дека има пратеници од мнозинството кои се подготвени да гласаат за распуштање на Собранието и земјава да оди на предвремени избори. Додека пак власта е децидна, парламентарни и збори ќе има, но редовни, во 2024.
