Зендели и Бајрами негираат дека ќе останат дел од актуелното владино мнозинство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали Беса ќе испушти уште еден пратеник  кој ќе му се придружи на парламентарното мнозинство?!  Извори на ТВ21 велат дека има шанси вакво нешто наскоро да се случи, но пратениците Фадиљ Зендели и Басри Бајрами негираат.

„Нема никаква шанса. Јас сум опозициски пратеник на Движење Беса“, посочуваат Фадиљ Зендели.

„Јас ги почитувам одлуките на партијата што ја претставувам. Воопшто не е  вистина дека јас можам да постапам надвор од ставовите на Движење Беса“, посочи Басри Бајрами.

Загриженоста на Беса за можно заминување на пратеници може да се види во дел од синоќешното соопштение испратено од Движење Беса по состанокот на централното раководство.

„Апелираме до актуелната власт СДСМ-ДУИ итно да престанат со притисок во сите можни форми  врз пратениците на Движење Беса. За ова прашање го известивме и меѓународниот фактор во земјава“, велат од Беса.

Го прашавме генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, дали оваа загриженост е заради сомнежот дека еден од пратениците може да се врати кај парламентарното мнозинство?

„Не, немаме никаков сомнеж дека пратениците отворено се изјасниле дека ги поддржуваат ставовите на партијата. Но притисокот во разни форми што се врши врз нашите пратеници  го алармираше и меѓународниот фактор“, порача Арјанит Хоџа.

Вицепремиерот Артан Груби говорејќи за обвинувањата на Беса, го кажа спротивното, дека опозициските пратеници имаат притисок од нивните партии.

Груби изрази увереност дека следниве денови на парламентарното мнозинство ќе му се приклучат опозициски пратеници. Во моментов мнозинството има 59 пратеници. Се уште не е потврдено, но се очекува пратеникот Кастриот Реџепи да му се приклучи на мнозинството. За ова како и за други работи тој ќе зборува утре во Клик Плус на ТВ21. Недоаѓањето на Кастриот Реџепи во петокот во Собрание, ја спаси владата Заев 2  од гласање недоверба покрената од опозицијата, која остана со само 60 пратеници. Откако се виде дека опозицијата нема мнозинство, сега се повеќе се спомнува Алтернатива со 4 нејзини пратеници која може да стане дел од власта , но официјално нема никаква   понуда или конкретен чекор во јавноста.