Дали е Али Ахмети пожарникар? – „Огнената група“ повторно мирна, што ќе се случува по 15 октомври?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ТВ21: Има ли примирје меѓу незадоволните? Дури има и име “Огнена група“ во јавноста…

Блерим Беџети: Не знам…не знам…искрено не знам…

ТВ21: Се смеете…

Б.Б.: Името ми е интересно

Ова е прв пат некој од ДУИ да биде прашан за т.н. Огнена група, односно за незадоволните во ДУИ. Гласини за незадоволство се слушаа и порано, но никој не излезе јавно да зборува за несогласувањата во врска со назначувањата од редовите на ДУИ во Влада. И тогаш, како и денеска, лидерот на ДУИ, Али Ахмети уверуваше дека нема такво нешто.

Али Ахмети: Кој ја нарече Огнена група?

ТВ21: Така ја нарекоа во јавноста, јас не ја нареков.

А.А.: Сега јас ти кажувам тебе и на јавноста дека нема Огнена група.

– И јас и вие се смееме кога ќе слушнеме Огнена група но ми изгледа како пејоративен термин.

ТВ21: Знаете дека огнот потпалува нешто?

А.А.: Нема Огнена група, искрено кажувам.

Еден месец по овие зборови на Али Ахмети, пратеникот Изет Меџити во Собрание на пратеничко прашање отворено побара отчет од неговите сопартијци, истакнувајќи го името на првиот вицепремиер, Артан Груби.

„Некои теми кои овој пат се однесуваат на извршната власт на ДУИ, делот на ДУИ на чело со г. Груби“, порача Изет Меџити.

Во тоа време Меџити беше претседател на парламентарната група на ДУИ, но од друга страна имаше закони за кои не гласаше, иако беа предложени од власта. Конкретен случај беше неподдржувањето на законот за распределба на административците, за кои Меџити упати критики. Кога даде оставка од функцијата координатор на парламентарната група на Интегративците, Артан Груби коментираше:

„Одлуката на пријателот мој Изет Меџити, колега и сопартиец, е лична одлука и ја почитувам“, вели Артан Груби.

Неколку месеци подоцна, Меџити не престана со критиките. Отворено говореше за незадоволството од работата на првиот вицепремиер Груби и министерот на надворешни работи, Бујар Османи.

„Ова не е најдоброто од ДУИ, она што може да ја претстави ДУИ најдостоинствено во извршната власт, за жал тоа што се потврдува од досегашните постапки било за менаџирање проекти или капитални инвестиции било да се тоа политички проекти“, посочи Изет Меџити.

Но кога Груби беше прашан во врска со ова, не одговори со зборови туку…

„Цццццц“

ТВ21: Зошто?

Груби: Цук

Тв21: Немате коментар?

Груби: Цук…цук…Ич никаков!

Во меѓувреме незадоволство имаше и во огранокот во Сарај, каде во тоа време се жалеа дека како огранок немале функција во извршната власт. Кога си замина премиерот Заев и дојде Ковачевски, Меџити уште повеќе се сомневаше дали ќе ја поддржи новата влада.

-Вие порано го критикувавте овој состав кадри од ДУИ. Дали и натаму го имате истиот став?

-Истиот

-Има ли недоразбирања?

-Има недоразбирања, но нив ќе ги дискутираме во партиските органи, за да создадеме посилна и помоќна ДУИ.

Но, тој гласаше за Владата, со намера да и даде уште една шанса, но по одреден молк повторно се врати „огнот“, особено на крајот на септември 2022 година. Писмо со незадоволствата за министрите на ДУИ му беше упатено на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во него како конкретно име се спомнуваше Артан Груби и неговото заминување. Ахмети во обид да ја смири огнената група одржа средби. Последната се одржа вчера. По 6 часа излезе и рече дека “немало и нема оган во ДУИ“ и дека имало многу убава атмосфера на средбата.

„Имаше и многу хумор, имаше и многу спомени бидејќи заедно сме 20 години. Некогаш ги задевав јас, некогаш тие мене и тоа е се“, вели Али Ахмети.

Додека „огнената група“ чекаше да се земат предвид барањата напишани на хартија, вчера Меџити очигледно заборавил на барањата.

-Дали ова значи дека се откажавте од барањата што ги имавте?

-За кои барања зборувате?

-Излеговте со изјава пред неколку дена и имавте потпис за заминување на вицепремиерот Артан Груби.

-Барањето беше дебатата да се врати во партијата и добро е што ќе се врати, ќе се формираат телата, ќе функционираат органите, односно ќе се прават анализи со органите и органите ќе одлучуваат за идните политики и во иднина ќе видиме за други барања.

– Дали ова значи дека господинот Груби повеќе нема да биде вицепремиер?

-За тоа ќе одлучуваат партиските органи.

По сето ова, се уште останува нејасно дали пожарот е целосно изгаснат или ќе остане како покриен жар што подоцна може повторно да предизвика пожар кај Интегративците. Тоа ќе се види по 15 октомври кога ќе се одржи состанокот на Генералниот совет на кој потоа би се избирало Претседателството и Надзорниот совет. После тоа ќе се види дали пожарот внатре во синиот штаб ќе биде изгаснат или некој ќе „изгори“.