Дали учениците се обврзани да купат униформи? Даути: Одлучуваат училишните совети, а не општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Листата „Подобро за Тетово“ ја обвинува општина Тетово дека направила договор во четири очи со една компанија во врска со униформите на учениците за кои треба да платат родителите. Една униформа чини 800 денари.

„Последните 2 месеци се врши голем притисок врз родителите и наставниците за безусловно прифаќање на еден вид на униформи, а одлуката е донесена без да бидат консултирани родителите иако финансискиот товар паѓа врз нив. Во чија владина одлука за оваа прашање се повикува општината? Кој од општината направил договор во четири очи за униформите на 15 илјади ученици каде се заобиколени родителите кои треба да плаќаат? Која е компанијата и како е избрана? Како е одредена цената од 800 денари кога такво нешто на пазарот може да се најде со поевтина цена.“, вели Агрон Арифи.

Од општина Тетово ги отфрлаат овие тврдења. Велат дека владината одлука е испратена до училишните совети.

-Ја испративме само одлуката од Владата, каде децидно стои дека училишните совети мора да одржат состанок и да одлучуваат за униформите, а овде директорите на училиштата ја препратија оваа одлука од владата до училишните совети и училишните совети беа тие кои одлучија учениците да бидат снабдени со униформи. Не е точно дека имало договор во четири очи од страна на општината за снабдување на учениците со униформи, туку училиштата самостојно го нарачале истото-вели Назми Даути од општинскиоте сектор за образование.

Од листата “Подобро за Тетово“ велат дека имаат информации и за фирмата што ги шие униформите. Се закануваат дека доколку општина Тетово продолжи со истиот став, ќе го објават и името на фирмата со која, според нив, општината склучила таен договор. Во некои општини во Македонија униформите ги обезбедуваат самите општини, а во некои самите родители ги плаќаат.