Даути: Изговорите се само каприци на институциите, МВР не објаснува зошто Велиу не може да добие државјанство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи не објаснува зошто Реџеп Велиу од Сингелиќ нема право на македонско државјанство. ТВ21 побара конкретен одговор од ресорното министерство – која точка од Членот 7 на Законот за државјанство Велиу не ја исполнува, но од таму ни рекоа дека тоа се лични податоци и истите може да ги побара само лицето за кое се однесува предметот.


-Во врска со вашето прашање упатено до Одделот за односи со јавноста и стратешки прашања по однос на предмет на лице за барање на државјанство на РСМ ве известуваме дека бараните податоци, кои што претставуваат лични податоци, може да ги добие само лицето за кого се однесува предметот, велат од МВР.

Од МВР додаваат дека доколку Велиу ги исполнува условите од Членот 7 на Законот за државјанство, може повторно да поднесе барање до надлежните органи.

Проблемот околу стекнување државјанство, како што се чини и понатаму е присутен, и покрај олеснувањата кои беа донесени со предлог-измените на Законот за државјанство, кои беа предложени од опозициската Алијанса за Албанците. Координаторката на пратеничката група на партијата, Илире Даути, вели дека изговорите зошто еден граѓанин не може да добие државјанство, се само каприци на институциите.


-Од правен аспект, нема никаква пречка за овие граѓани по донесувањето на Законот да уживаат во правото за државјанство. Проблемите поради кои овие граѓани останаа без државјанство се негрижа од страна на луѓето кои за жал долго време беа на власт и ја заборавија маката на граѓаните, вели Даути.

Во образложението на МВР, објаснето преку членови и ставови, пишува дека Велиу е „опасен за државата“. Според Даути, ова образложение веќе не држи вода. Таа ги охрабрува граѓаните да одат докрај сѐ додека не го остварат своето право на државјанство.


-Јас го охрабрувам споменатото лице и сите други кои при нивното барање за стекнување државјанство наидуваат на вакви проблеми, да настојуваат и да не отстапат од нивното веќе гарантирано право, и со закон, и со сите права од Меѓународната конвенција за кои говоревме тогаш кога беше потребно, вели Даути.

Реџеп Велиу веќе 50 години живее во Сингелиќ, има своја куќа и редовно плаќа данок кон државата, но иако побарал неколкупати, досега не успеал да добие државјанство.