Депонијата „Русино“ со финансиски потешкотии, Тетово и Гостивар најголеми должници, не плаќаат за отпадот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Јавното претпријатие „Русино Полог“ се соочува со финансиски потешкотии поради тоа што општините не плаќаат за услугата што ја добиваат. Директорот, Бесим Догани открива дека најголеми долгови имаат комуналните претпријатија на Тетово и Гостивар.

-Финансиската состојба и понатаму е тешка, односно со неизвесна иднина поради долговите, не на општините, туку на комуналните претпријатија, особено на двете најголеми општини – Тетово и Гостивар кои се разбира учествуваат во 70% од функционирањето на претпријатието „Русино“, односно на заедничкото претпријатие „Русино“. Тие се и најголемите одлагачи на отпад и најголемите финансиски обврзници на нашето претпријатие-вели Догани.

Гостиварското комунално претпријатие има долг од околу 5 милиони, а тетовското пак над 3.5 милиони денари.

-Долгот на „Комуналецот“ на Гостивар достигнува до околу 5 милиони, а на Тетово над 3.5 милиони денари. Со нив склучивме договор ратата да се плаќа на дневно ниво со цел да се намали долгот. Но, иако се прави ова, приходите се недоволни за редовно функционирање на нашето претпријатие.

Проблем со плаќањето има и општина Желино.

-Општина Желино е единствената општина која не ја подмири првичната обврска во вредност од 640 илјади денари, а не ни планира да ја подмири. Ние отпочнавме судска постапка за подмирување на овој долг. Инаку, другите општини ја извршија оваа обврска.

Општините плаќаат по 310 денари месечно за еден тон фрлен отпад. Воедно, оваа цена е најниска во регионот.