Девет загинати, запален историски манастир од XI век во новите интензивни руски напади врз Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Четири лица загинаа, додека манастирот Киевско-Печерска лавра – симбол на украинската духовна и културна историја – се запали во најсилниот руски воздушен напад врз украинската престолнина во последните две недели, соопштија властите, повикувајќи ги жителите да побараат засолниште.

Новите напади уследија откако украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за напорите за ставање крај на конфликтот што трае повеќе од четири години, пред состанокот на Г7 неделава во Франција.

Централниот манастир Киевско-Печерска лавра, кој е под заштита на УНЕСКО како светско културно наследство и е основан во 1051 година, бил сериозно оштетен во директен напад, изјави Тимур Ткаченко, шеф на воената администрација на главниот град, во објава на Телеграм.

„Брутален напад врз нашиот народ и нашето наследство. Ова е вистинското лице на руските православни вредности“, напиша украинската премиерка Јулија Свириденко на платформата X.

Додека гореше манастирот, жителите се засолнуваа под земја во најтешкиот руски напад врз Украина од почетокот на јуни, кога беспилотни летала и ракети убија повеќе од 20 лица и оставија над 100 повредени.

Дронови и ракети погодија повеќе високи станбени згради и оштетија електрични водови, оставајќи околу 140.000 жители без струја, велат властите во Киев.

Украинската војска во понеделникот наутро соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала 70 ракети и 611 дронови врз Украина, а воздушната одбрана соборила 50 ракети и 582 дронови од различни типови.

Соседна Полска, членка на ЕУ и НАТО, утрово подигна борбени авиони поради можна повреда на воздушниот простор, но подоцна ја повлече тревогата и соопшти дека не е регистрирано нарушување на воздушниот простор, објавија полските вооружени сили.

Украина ќе започне „итни процедури“ во рамки на УНЕСКО и други меѓународни механизми за да обезбеди „непосреден и соодветен одговор на ова државно варварство“, изјави министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, осврнувајќи се на нападот врз манастирот. Нападите ги осуди и естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна.

Освен тоа, пет спасувачи од службите за итна помош загинаа, а најмалку уште пет беа повредени откако втор руски напад го погоди Харков, вториот по големина град во Украина, изјави министерот за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм. Во Суми биле повредени три лица, меѓу нив и дете, според објави на локалните власти.

Од друга страна, Украина во последно време ги интензивира нападите врз руските индустриски и енергетски објекти, обидувајќи се да ја лиши Москва од приходи и да го забрза крајот на војната.

Во понеделникот, три лица загинаа, а уште три – меѓу нив и едногодишно дете – беа повредени во напад со дрон врз рускиот град Тула, индустриски центар јужно од Москва, соопшти регионалниот гувернер.

Украина исто така во текот на ноќта се обиде да го прекине снабдувањето кон полуостровот Крим на Црното Море, кој Русија го анектираше во 2014 година и кој веќе се соочува со криза со гориво, со напади врз два моста што го поврзуваат со областите под руска контрола.

Пред разговорот со Трамп, Зеленски предложи директни разговори со рускиот претседател Владимир Путин за решение за прекин на огнот со учество на САД и Европа – иницијатива што ја поддржаа Велика Британија, Германија и Франција, но Путин ја одби.

Кремљ во неделата соопшти дека Трамп му рекол на рускиот лидер дека е од суштинско значење да се стави крај на конфликтот во Украина и дека е подготвен да помогне.