„Hybrid CoE“: Македонија се движи кон ЕУ на побавна траекторија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија се движи на побавна траекторија кон членство во Европската Унија, додека Албанија и Црна Гора се земјите од Западен Балкан со најнапреден процес и би можеле да станат членки во следните 2 до 4 години.

Ова се наведува во извештајот на Европскиот центар за извонредност за спротивставување на хибридните закани (Hybrid CoE), кој предупредува дека одолговлекувањето на проширувањето на ЕУ може да го зголеми разочарувањето и да ја ослаби мотивацијата за спроведување реформи.

„Две држави, Црна Гора и Албанија, најверојатно ќе станат членки на ЕУ во следните две до четири години, додека другите четири земји во моментов следат побавни траектории. Делумната и постепена интеграција носи ризик од разочарување кај државите што заостануваат, доколку не е проследена со предвидливи патеки, јасни рокови и политичка вклученост“, се истакнува во извештајот.

ЕУ останува главен економски партнер на Западен Балкан, но влијанието на Русија и Кина се зголемува, особено во секторите на енергетиката и телекомуникациите.

Извештајот предупредува дека корупцијата, институционалните слабости, заробувањето на медиумите, иселувањето на младите и демографскиот пад создаваат простор за надворешно влијание и хибридни закани.

„Русија, Кина и неколку држави од Заливот го продлабочија своето влијание во некои земји, со покана од самите тие држави. Во меѓувреме, кредибилитетот на Западот е оспорен поради бавното проширување на ЕУ, нееднаквото условување и потрансакцискиот пристап на американската надворешна политика“, се наведува во извештајот.

Според „Hybrid CoE“, овие динамики покажуваат Западен Балкан кој е заглавен меѓу блокираната европска интеграција, зголемените мултиполарни притисоци и континуираната внатрешна ранливост. Регионот се соочува со зголемен ризик од стагнација и фрагментација поради бавната интеграција во ЕУ, институционалните слабости и притисокот од надворешни актери.

Во извештајот Србија е издвоена како клучен фактор за регионалната стабилност, бидејќи нејзината политичка ориентација може да влијае или врз зајакнувањето на стабилноста или врз продлабочувањето на поделбите во регионот. Од друга страна, се проценува Русија продолжува да ја зголемува својата активност и влијание на Балканот и во Европа, користејќи и тактики на „сивата зона“ и искористувајќи ги постојните конфликти и слабости.