Пропадна и овој обид во Собранието да се расправа за случајот со давањето државјанство на Онишченко. Сега веќе поранешниот директор на Агенција за национална безбедност Виктор Димовски не се појави на седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ иако бил уредно и навремено поканет, а не е испратен ниту претставник од Агенцијата.
На Комисијата требаше да продолжи сведочењето околу безбедносната проверка при давањето позитивно мислење за македонско државјанство на Онишченко. Претседателот на Комисијата Љупчо Пренџов вели дека ваквото однесување на Димовски е неодговорно, но најави дека ќе продолжи да бара одговори од Агенцијата за овој случај и од новиот директор.
„Ние ќе разговараме, ова тука нема да заврши, седницата не е затворена, точката не е заклучена и во следниот краток период повторно ќе свикаме седница со цел „мистеријата“ Онишченко, конечно да добие епилог“, вели Љупчо Пренџов.
Димовски практично и не е разрешен од АНБ поради овој пропуст, туку тој треба да замине за амбасадор на земјава во Франција. За ова треба да расправа и Комисијата за надворешни работи на чие чело е Антонио Милошоски, кој најави дека седницата за Димовски ќе ја свика кога ќе има разврска од Комисијата за надзор над АНБ. На местото на Димовски, пак, во АНБ е назначен Зарко Милошевски, кој доаѓа од Секторот за меѓународна и соработка со НАТО, токму Одделот кај кој е утврдено дека е направен пропустот. Премиерот Ковачевски вели дека тој бил именуван, поради неговата професионалност.
„Тој е професионалец кој што својата професионална кариера ја започнал во 1997 година во тогашната Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР и напредувал во својата кариера. Кога ќе заврши од соодветните институции кои што треба да направат истрага тогаш ќе може да се коментираат наодите во однос на тој случај“, посочи Димитар Ковачевски.
За тоа дали Димовски по овој скандал сепак ќе замине за амбасадор, Ковачевски рече дека постапката за негово именување за амбасадор е завршена во Владата, а дека сега се на потег собраниската Комисијата за надворешни работи и претседателот на државата.
