Ваква и утринава беше ситуацијата во близина на канцеларијата на Агенцијата за вработување во Тетово. Многу граѓани чекаа да добијат потврда за да докажат дека се невработени. Сертификатот беше потребен за аплицирање за помошта што ја најави Владата. Но поради нередот кој се создаде два дена по ред, министерот за образование најави дека постапката е поедноставена и нема да има потреба од оваа потврда. Сепак, граѓаните не беа доволно информирани.
-Денеска слушнавме дека го смениле законот, ова е позитивно.
-Граѓаните се револтирани од оваа игра на властите. Рокот е краток бидејќи бараат многу документи. Народот мора да биде свесен за на следните избори да размислуваме за кого да гласаме.
-Нема доволно информации. Тоа не е нормално, ова е игра.
-Дојдов сабајле да земам потврда, чекаме еден час. Како може да се прави ова само во Македонија.
Идеал Амзаи, вработен во Агенцијата за вработување, вели дека во изминатите два дена има голем наплив на граѓани кои бараат потврди.
-За разлика од вчера и завчера, денеска ситуацијата е помирна. Видовме дека не е во ред и добивме известување од Министерството за образование и наука дека не е потребно да се добие потврда од Агенцијата за вработување, бидејќи се создаде голем проток на граѓани. И ние се придржуваме до таа најава, граѓаните треба да одат во банка и да го добијат месечниот извештај за приходите и со тој документ полесно ќе завршат работа бидејќи рокот е само четири дена“, вели Амзаи.
Владата пред три дена најави дека ќе дава парична помош во наредните 6 месеци од 1.200 до 1.800 денари за учениците чии родители имаат месечни примања помали од 50.000 денари. По поедноставувањето на процедурата, потребата од заверка од Агенцијата за вработување е укината и наместо тоа се бара извод од банка од трансакцијата за последниот месец. Рокот за пријавување е до 24 декември.
