Државата без решение за штрајкот во образование. И денеска, основните и средните училишта беа празни, тивки и без џагорот на учениците. Синоќа Советот на СОНК со мнозинство гласови одлучи штрајкот во образование да продолжи, одбивајќи ја понудата на Владата за покачување на платите за 12%. Првиот човек на ресорот образование, Јетон Шаќири, преку Фејсбук ги повика директорите на основните и средните училишта од денеска да ги отворат вратите за учениците и да продолжат со организирање настава.
-Ги повикуваме директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од утре да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Имаат надлежности и одговараат за непостапување по истите, рече Шаќири.
Екипата на ТВ21 денеска посети неколку средни и основни училишта за да види дали директорите се одѕваа на повикот на министерот. Директорот на Средното училиште „Цветан Димов“, Висар Дураку за ТВ21 рече дека уште од почетокот на штрајкот постојано ги повикувал професорите да изнајдат заеднички јазик во интерес на учениците, но нивната одлука, како што вели, била децидна.
-Да, постојано разговаравме. И денеска имавме неформална средба со професорите, но нивната одлука е децидна. Јас како директор не можам да влијаам на нивната одлука, имајќи предвид дека ниту учениците не доаѓаат. Се надевам до крајот да неделава да изнајдеме заедничко решение и учениците да почнат да доаѓаат, а дел од професорите да прифатат да почне процесот во полза на учениците, вели Дураку.
И директорката на ОУ „Васил Главинов“, Елита Демири рече дека ги повикала наставниците да почнат со настава, но и денеска училишните клупи останаа празни. Таа апелираше родителите од утре да ги носат децата на училиште, уверувајќи дека настава ќе има.
-Ги повикавме наставниците. И ние како сите други училишта минуваме низ актуелната ситуација. Не знаеме како ќе се одвива понатаму, но ги повикувам родителите од утре да ги носат децата на училиште, бидејќи ја испланиравме целата организација, а вратите на училиштето беа и ќе бидат отворени за нашите ученици, рече Демири.
За разлика од повеќето училишта кои воопшто не држеа настава, некои пак, со 15-20 ученици држеа по 2-3 часа со професори и наставници кои не го поддржуваа штрајкот.
А Советот на СОНК, во знак на незадоволство од резултатите од преговорите, вчера одлучи во среда следната недела да организираат масовен протест пред Влада.
Од денеска само градинките почнаа со редовна работа, со што го прекинаа протестот кој почна на 11 април.
