ДУИ ги заврши средбите во Гостивар – Џафери до „огнената група“: Освестете се и вратете се на своето потекло

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ДУИ, предводена од Али Ахмети, кој беше придружуван од министри, заменици и други сопартијци, ги заврши средбите во Гостивар. Иако овие состаноци во ограноците почнаа откако таканаречената „огнена група“ почна да излегува на терен за да зборува за нивното незадоволство од Владата, Ахмети увери дека средбите не се одржуваат за нечиј инает.

„Со цел директно да комуницираме со граѓаните, не за нечиј инает, за да и се спротивставиме на некого, туку едноставно за да ја продолжиме традицијата која ја имаме“, посочи Али Ахмети.

Членот на раководството на ДУИ, Талат Џафери побара од „огнената група“ да размислат за нивните постапки. Според него, навредите што му се упатуваат на Ахмет не можат да се толерираат.

„Затоа, јавната покана е да размислат во овој момент, да се вратат на своето потекло, да се вратат на поддршката што ја имаа 20 години од овој вулкан овде. Да размислат за тоа што го прават и за последиците што може да ги има нашиот субјект, за можните последици врз статусот на нашиот народ овде, поради фактот што има доволно поделби, доволно разлики“, додава Талат Џафери.

Според Артан Груби, Ахмети е единствениот лидер кој 20 години издржал се за младите да имаат подобар живот, а Груби лично на Младинскиот форум на ДУИ им вети дека тој и неговите колеги министри нема да станат пречка за развој на младите.

„Тој е единствениот што е политички прогонет и жртвуван за вас. Ќе „голтне се“ за да ви даде подобар живот. Сакам да ви дадам многу искрено ветување дека битките што се водат за одржувањето во живот на ДУИ 20 години, уште 20 други години и 20 години потоа нема да ви се повторат бидејќи ќе ви биде лесно. Ниту јас, ниту Валдет, ниту Фатон, ниту Арбр, ниту некој друг нема да ви застане на патот“, додава Артан Груби.

Ахмети со министрите утре ќе ги продолжи средбите во Тетово, а „огнената група„ во Куманово.