„ДУИ“ како пример во учебници – МОН: Сѐ уште нема одлука за повлекување на учебникот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Меѓу илјадниците примери за тоа како се употребуваат кратенките на албанскиот јазик, во учебникот за 5-то одделение, меѓу 3-4 примери авторот како што се чини претпочитал да ја наведе кратенката за партијата Демократска унија за интеграција или скратено ДУИ.

Од Министерството за образование побаравме одговор зошто е употребена токму оваа кратенка, од каде ни одговорија дека остануваат на вчерашната реакција за грешките кои беа детектирани и во учебникот по историја за петто одделение.

Одговорноста за грешките ѝ ја префрлаат на Националната комисија за учебници.

„Сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентите требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници. Членовите на комисијата, всушност преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен“, велат од МОН.

Од МОН велат дека според Законот за учебници за основно и средно образование, кај истите можат да се направат корекции или пак, да се повлечат, но, како што додаваат, министерот Јетон Шаќири, сѐ уште нема донесено таква одлука.  

Во меѓувреме продолжија и опозициските реакции.

Алијанса за Албанците и Движење Беса бараат учебникот итно да биде повлечен, а ресорниот министер да си поднесе оставка.

„Ова е скандалозна злоупотреба на учебниците за партиска пропаганда, за индоктринација на деца, слично како во времето на комунизмот и времето на другарот Тито и другарот Енвер. Тоа е срамна сервилност на самиот автор Вехби Кадриу, таткото на поранешниот кандидат на ДУИ, Ендрин Кадриу, кој потоа беше назначен за директор на Радиодифузија. Што се однесува до  министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кажавме и порано, а денеска само потврдуваме дека е министер за уништување на образованието“, вели Наим Бајрами.

„Го повикуваме министерот за образование, Јетон Шаќири веднаш да го повлече од употреба овој учебник за децата да не учат вакви работи како што е случајот. Како што изгледа, министерот за образование погрешно ја разбрал реформата во образованието. Тој како реформа ја гледа екстремната политизација на образованието, почнувајќи од вработувањата, па сѐ до учебниците“, вели Фарук Авдиу.

Во текот на вчерашниот ден беа забележани грешки и во учебникот на македонски јазик по историја за петто одделение.