ДУИ кон внатрешни реформи? Се очекуваат промени и нови имиња во партијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Демократската унија за интеграција треба да го одржи партискиот конгрес до 20 декември, каде што се најавуваат реформи и повлекување на старите лица од раководството. Извори од партијата информираат дека се очекува преструктурирање во ограноците и вклучување на нови имиња на политичката сцена.

Сигнал за тоа, според сите изгледи, се и новите имиња избрани вчера во организациониот совет на конгресот.

Извори на ТВ21 во ДУИ велат дека на последниот состанок раководството се согласило да се отстранат имињата што подолго време се дел од партијата, а се очекуваат преструктурирање и во ограноците на ДУИ.

Дека ќе има движење кај интегративците, сигнал дава и соопштението на Секретаријатот за еднакви можности, од каде што побараа одговорност за политичкиот и моралниот интегритет.

„Последните настани отворија широка дебата во општеството и ја истакнаа потребата за длабока рефлексија во рамките на партиските структури. ДУИ е изградена врз јасни политички и морални вредности – интегритет, праведност, еднаквост и посветеност кон граѓаните – вредности што треба да се зачуваат и достојно да ги претставуваат сите наши членови и претставници.“, велат од Секретаријтот за еднакви можности во ДУИ.

Аналитичарот Џелал Незири вели дека сега кога ДУИ е во опозиција, ѝ е многу полесно да размислува и да се реформира, бидејќи, според него, досега во партијата кружеле истите лица.

„Сега имавме локални избори, иако во советничките листи доби повеќе гласови од ВЛЕН, сепак ја изгуби повеќето општини што ги имаше, и тоа е јасна порака до оваа партија дека мора нешто да преземе, нешто да промени. Каде треба да се промени – тоа го покажуваат резултатите од изборите, каде што ги има ограноците организирани во советите, таму има и бројки, и може лесно да види каде згрешила.“, изјави Незири.

Извори на ТВ21 додаваат дека на вчерашниот состанок на партиското раководство се дискутирало и за прашањето со пратениците, но останува да се види дали ќе има промени во пратеничката група на Европскиот фронт.