Опозициската Демократска унија за интеграција смета дека ставот на Народниот правобранител за правосудниот испит е скандалозен, оценувајќи дека тој е во спротивност со правата загарантирани со закон и Устав. Пратеникот Илир Хасани истакна дека е неприфатливо употребата на албанскиот јазик на државните испити да се условува со барање на кандидатите.
„Исто така, оправдувањето на ова прашање со потребата за усогласување со други закони е неосновано, бидејќи законот за употреба на јазиците ги регулира овие прашања и ги обврзува институциите на директно спроведување. Проблемот не е во законите, почитувани граѓани, проблемот е во недостигот на волја за нивно практично спроведување.“, изјави Хасани.
Оваа реакција следи по предлогот на Народниот правобранител Фатон Селами до Владата, според кој по барање на студентите, правосудниот испит, нотарскиот и испитот за извршители може да се полага и на албански јазик
На прашањето за реакцијата на ДУИ, од канцеларијата на Народниот правобранител рекоа дека не коментираат ставови на партии.
– Народниот правобранител во ниту еден случај не се вмешува во коментирањето на ставовите на политичките партии за било кое прашање. Инаку, ги почитува и на никаков начин не го оспорува правото на политичките партии и нивните претставници да даваат коментари за прашања од општ интерес, како и да ја коментираат работата на Народниот правобранител-изјавија од канцеларијата на Народниот правобранител.
Парламентарната група на Европскиот фронт, во име на студентите, доставила во Собранието резолуција со која се бара спроведување на Законот за употреба на јазиците за правосудниот испит. Резолуцијата ја потпишале сите пратеници Албанци од опозицијата, а апел се упатува и до пратениците од мнозинството и од сите партии. По ова, претставници од ВЛЕН изјавиле дека рашањето не се решава со резолуции, туку со законско решение за кое тие тврдат дека работат.
