Една година Влада предводена од Ковачевски – „Оваа 2023 да постигнеме мнозинство за европска иднина“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Ковачевски во своето обраќање најнапред ги посочи проектите кои се завршени изминатава една година од оваа Влада, рече дека има исполнување на капитални инвестиции дека растат платите, пензиите, државната помош. Меѓутоа она што беше во фокусот на неговото излагање е делот на уставните измени и европската интеграција. Рече дека најважниот проект за иднината на Македонија е европскиот проект и повика на обединување и парламентарно мнозинство. Ова е време во кое што ќе треба да се носат тешки одлуки во време на уште потешки провокации, истакна премиерот.

„Во оваа 2023 година очекувам нов исчекор во европските интеграции. Верувам дека може да се постигне европско парламентарно мнозинство кое ќе ги осигура европските перспективи. Ја разбирам претпазливоста и сомнежите. И јас имам семејство кое живее тука и си ја сакам родната земја. Но, не можам и нема да прифатам некој политички да профитира на сметка на перспективите на граѓаните и на државата. Реков, најголем дел во оваа година бев меѓу вас, граѓаните – и ги слушам вашите потреби. Тоа не се постојани предвремени избори, не се политички надмудрувања, не се блокади во парламентот“, вели Димитар Ковачевски.

Првиот вицепремиер Артан Груби истакна дека веќе нема простори за калкулации и дека сите треба да се придружат во прогресивното мнозинство на патот за Европа. Во земјава постојат квази патриоти кои сакаат само власт и да ја држат земјава изолирана од западниот свет, заплашувајќи ги граѓаните со измислици, рече Груби.

„Со овие политики на страв изгубивме десет години од нашите животи. Денес тие што инсталираат непознати стравови, им велат на меѓународните претставници дека ќе го променат Уставот откако ќе ја добијат власта и дека ги имаат методите но дека за тоа им треба власт. Добро е ова да се знае од нивните членови на партијата“, додаде Артан Груби.

Од ВМРО-ДПМНЕ самиот настан на Владата за една година работење го нарекоа панаѓур и дека СДСМ и ДУИ немаат со што да се пофалат околу исполнување на проекти. Во однос на промените на Уставот изминатиот период претседателот на партијата Христијан Мицкоски постојано повторува дека тие нема да ги поддржат и измени нема да има.