Едни го одбележаа Денот на трудот, други го заборавија – иако малкумина, синдикалците гласни за своите права

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ССМ по познатата рута и годинава со протест го одбележа Први Мај – Денот на трудот. Протестот започна пред зградата на Сојузот на синдикати, продолжи кон Собранието, па пред Стопанската комора, а заврши пред Владата. Синдикалците со јасни барања: Повисока минимална плата, почитување на колективните договори и подобра заштита на работниците на нивните работни места. Предупредија дека состојбата е сериозна. Само во 2025 година 31 работник заминал на работа и не се вратил дома. Настрадал. Синдикатите од протестот испратија и пораки и до синдикатите кои решија да не протестираат, но и до работодавачите.

„Срам и арам за секоја една лага и од страна на газдите и од страна на представниците на власт за сите овие 35 години држава. Денес и оваа година славиме 80 години постојење на Сојуз на синдикати на Македонија. Нема да дозвониме да ни го зема она што некој пред нас го градел или тоа што планираме ние со нашата генерација да го градиме.“, рече Иван Пешевски.

Протестот, кој оваа година имаше помал број присутни, заврши на познатото место за жалби и поплаки на синдикалците.

„Кулминацијата на денешниот првомајски протест беше пред Владата. Лидерот на синдикатот Слободан Трендафилов упати пораки до граѓаните кои што денеска не сакаа да дојдат и да дадат поддршка на протестот кој што е посветен на барањето за поголема минимална плата.“, вели репортерот на ТВ21.

Трендафилов порача дека веќе од понеделник граѓаните ќе се соочат со суровата реалност.

„На 4 мај во понеделник, сите нас, сите нив, сите што заминаат на продолжен викенд, сите кои ни ракоплескаат по патот до тука, сите кои гледаат од балконите, сите кои ќе не гледаат на вестите на телевизија, ќе ги удри суровата реалност во глава. А тоа е, повторно најниска минимална плата во Европа, повторно најниска просечна плата во Европа, повторно обид за уништување на колективното договарање, повторно обид за уништување на синдикатите кои се борат, а не се молат.“, вели Слободан Трендафилов.

Според синдикатите, половина од работничкиот народ во Македонија живее со плата под 600 евра, а една третина е под прагот на сиромаштија. Инаку, како што можевте да забележите, во прилогот нема анкета со присутните. Овој прилог им го посветувам на сите колеги кои и денеска работеа и ги исполнија своите обврски.