Да се забрзаат работите поврзани со реформската агенда, повикува невладиниот сектор. Марко Трошановски од Институтот за демократија смета дека Собранието треба да врши поголем надзор над работата на Владата и министерствата, поврзан со обврските кон Унијата и оние од Берлинскиот процес.
„Во најмала рака барем опозицијата би требало да има интерес да биде многу активна во надзорниот дел, но секако и пратениците од владејачкото мнозинство би требало, зашто е државничка работа, да придонесат кон поголем притисок врз централната власт да испорача“, изјави Марко Трошановски, институт за демократија.
Трошановски вели фокусот да е на реформите додека трае застојот кон Унијата поради политичкиот услов. Тој смета дека Европјаните го сфатиле преседанот направен кон Македонија и преку дипломатска офанзива ќе се работи на обезбедување на посакуваните гаранции.
„Веројатноста тоа сега да се случи е мала, бидејќи бара консензус за што и да е од земјите-членки, но е нешто што во претстојниот период, година-две, ќе има политичка поддршка од значителен дел од земјите-членки, за да биде подобрено“, изјави Марко Трошановски, институт за демократија.
Премиерот Христијан Мицкоски од Самитот на Европската народна партија, оцени дека дополнителните услови не ја зајакнуваат Европа, туку го слабеат колективен кредибилитет.
„Нашиот народ, гордите македонски граѓани кои ги претставувам, од прва рака ја почувствуваа тежината на двојните стандарди. Стандарди кои ја поткопуваат довербата, го намалуваат ентузијазмот и ризикуваат да го ослабат самиот европски дух што го застапуваме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски ги повика пристуните лидери да бидат движечка сила на проширувањето со земјите од Западен Балкан и јасно да кажат дека интеграцијата на регионот во Унијата не е, како што вели, чин на добротворност, туку е стратешки императив. Меѓу нив беше и првиот човек на владејачката бугарска партија, Бојко Борисов. По средбите во Бугарија, првиот човек на Советот на ЕУ, Антонио Кошта кон средината на мај ќе ја посети земјава.
