Иранските власти објавија дека три напаѓани нуклеарни постројки биле евакуирани пред воздушниот напад од страна на САД, со што се избегнале потенцијални последици од ширење на радиоактивни материи.
– Резервите од збогатен ураниум беа преместени навреме, а во постројките не останаа материјали кои би можеле да предизвикаат зрачење и штета по населението, изјави Хасан Абедини, заменик-директор на иранската државна медиумска куќа, за иранската национална телевизија, пренесува Ројтерс.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека САД ги бомбардирале нуклеарните центри во Фордоу, Натанц и Исфахан, нагласувајќи дека тие се „целосно уништени“.
Сепак, според иранските извори, не постојат индикации за контаминација околу нападнатите објекти, ниту пак за зрачење кое би можело да претставува закана за околното население.
– Нуклеарната централа во Фордоу не претрпе значителна штета. Оштетувањата се на површината и лесно се поправливи, изјави анонимен владин претставник за иранската новинска агенција Фарс, цитирана од Ројтерс.
И покрај тензиите и ескалацијата на конфликтот, иранските власти уверуваат дека безбедноста на граѓаните не е загрозена, и дека клучната инфраструктура може да биде реконструирана.
